Ustavno test 1 PDF
Document Details
Uploaded by PhenomenalNovaculite6794
Tags
Summary
This document covers various concepts of constitutional law, including the history and significance of sovereignty. It details different types of referendums and citizen initiatives.
Full Transcript
УСТАВНО – ЧЕТВРТИ ДЕЛ 1.НЕПОСРЕДНО ОСТВАРУВАЊЕ НА СУВЕЕНИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ СУВЕРЕНИТЕТОТ се објаснува како својство или обележје на државната власт како правно највисока и независна од сите други власти на територијата каде што се остварува. 1.Во претходниот период суверенитет во современо значе...
УСТАВНО – ЧЕТВРТИ ДЕЛ 1.НЕПОСРЕДНО ОСТВАРУВАЊЕ НА СУВЕЕНИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ СУВЕРЕНИТЕТОТ се објаснува како својство или обележје на државната власт како правно највисока и независна од сите други власти на територијата каде што се остварува. 1.Во претходниот период суверенитет во современо значење не можело да се појави поради 2 битни причини: -првата причина се поврзувала со постоењето на Божјото право, односно се поврзува со ставот на црквата дека нејзината власт е постара од државната власт поради што и Божјото право е постаро од позитивното право, и поради што црквата го извлекувала своето право на надзор над државата -втората причина пак, лежела во т.н народно право олицетворено во правото на локалните старешини, т.е во нивното право “суверено“ да владеат над луѓето како нивно природно право кое никој не можел да им го одземе. Основната идеја на овие теории всушност се извлекувала преку две нејзини концепции: *концепцијата за директното божјо право – според која Бог не ја создал само власта, туку ги одредил и нејзините носители, односно тоа е монархот како единствен божји ополномошник на земјата кој може се и неговата волја е закон за неговите поданици; *концепцијата за индиректното божјо право – според која Бог ја создал само власта, додека нејзините носители и формите на остварувањето се производ на човекот. Жан Жак всушност е оној кој во целост ја развил концепцијата за народната сувереност, односно според неговите размислувања, суверенитетот на народот е неотуѓив и неделив и доаѓа до израз исклучиво преку општата волја на граѓаните која ја создаваат сите граѓани. Според ова се смета дека токму тој бил застапник на идејата за потполна непосредна демократија на народот во законодавството. Така, народните претставници имаат право само на иницијатива и обликување на законските предлози, додека народот е тој кој конечно одлучува за судбината на законот. → Начелото на народниот суверенитет за прв пат официјално било прогласено во Декларацијата за правата на човекоти и граѓанинот од 1789г, донесена по победата на Француската буржоазија. Во тој поглед, францускиот концепт за суверенитетот може да се каже дека во одредена мерка имал компромисна содржина, односно тој компромис бил помеѓу народниот суверенитет и суверенитето на монархот, со цел да: -се избегне општото право на глас; -да се избегне монархискиот апсолутизам, како и -да се избегне поделбата на државната територија преку нагласување на нејзината неделивост. -(Сиес). 2.НАЧИНИ НА ОСТВАРУВАЊЕ НА НАРОДНИОТ СУВЕРЕНИТЕТ Во теоријата и праксата всушност јасно се разграничени два основни начина за остварување на народниот суверенитет: -посредниот(претставнички) начин -непосредното одлучување. Во тој поглед, народот може согласно Уставот, власта да ја остварува на два начина: -непосредно – да ги остварува сите или само некои од нејзините функции -посредно – преку свои избрани претставници. Според ова, всушност доаѓа и до изедначување на овие начини на остварување на власта со поимите: -непосредна демократија -посредна (претставничка) демократија. Како најприфатлива форма се смета претставничкиот систем, кој ја унапредува вистинската демократија и го намалува суверенитетот на парламентарните собранија во интерес на граѓаните. 3.ОБЛИЦИ НА НЕПОСРЕДНО ОСТВАРУВАЊЕ НА СУВЕРЕНИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ (ОБЛИЦИ НА НЕПОСРЕДНА ДЕМОКРАТИЈА) А)РЕФЕРЕНДУМ -е најприменуван и најпознат облик на непосредна демократија. Преку него граѓаните непосредно се изјаснуваат “за“ или “против“, односно со “да“ или “не“ за некое поставено прашање. Предмет на самиот референдум е всушност моментот на граѓанската одлука за прифаќање или отфрлање на некој општ правен акт или политичка одлука. Всушност, доаѓа до израз непосредната волја на народот по однос на поставеното референдумско прашање. Доколку граѓаните со мнозинство гласови одлучат “за“ референдумското прашање, тогаш таа одлука има сила на закон, а во одредени случаи и сила поголема од закон. Гласањето најчесто е тајно, а конечната одлука на народот по правило е задолжителна. За прв пат референдумот како облик на непосредна демократија се појавува во Фрнација во времето на Буржоаската револуција, како и во времето на создавањето на САД. *Постојат различни видови референдум и тоа: -според територијалниот критериум и правното дејство на неговата одлука, референдумот може да се распише за целата територија на државата или за еден нејзин дел; -според правната основа, референдумот може да биде облигаторен (задолжителен) и факултативен(советодавен); -според предметот поради кој се распишува, референдумот може да се јави како: уставотворен, законодавен, административен, финансиски и референдум во областа на меѓународните односи и меѓународното право; -според времето кога се организира референдумот, се разликуваат претходен и дополнителен референдум; -според дејството се разликуваат конститутивен (кога има цел да ја потврди исправноста или дејството на еден акт) и аброгативен (кога има за цел да укине акт кој е на сила не заменувајќи го притоа со друг), -во зависност од ефектите на нивното временско дејствување, сите референдуми може да се поделат на референдуми со претходно или конечно значење. → Без разлика на видот на референдумот неговата успешност е поврзана со исполнување на неколку услови меѓу кои најзначајни се 2: -првиот услов е поврзан со слободното и непречено изразување на волјата на граѓаните, и -вториот услов ја зема во предвид квалификуваноста на граѓаните да ја изразат својата вистинска волја по однос на одредено прашање. *Референдумот се организира на начин идентиче со изборите, при што тој ќе се смета за успешен доколку на него учествувале мнозинството од граѓаните запишани во избирачкиот список, односно доколку мнозинтсвото од нив потврдно одговориле на поставеното прашање. Б)ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА И ДРУГИ ОБЛИЦИ НА НЕПОСРЕДНО ОДЛУЧУВАЊЕ -ГИ како облик на непосредна демократија на граѓаните или одреден процент од избирачкото тело преку кој тие имаат овластување да го остварат правото на предлог за донесување на закон, друг општ акт или евентуално политичка одлука пред претставничкиот орган во државата. По вака поставениот предог, претставничкото тело мора задолжително да поведе постапка на разгледување и одлучување, при што има можност целосно да се согласи со предметот на ГИ, да се согласи со внесување одредени корекции во него или да го отфрли. ГИ може да се појави како: -обична, неформулирана – ја содржи само идејната цел и смилста на законските решенија кои треба да бидат донесени без нивна претходна конкретна разработка во форма на предлог – закон, -специфицирана, формулирана – содржи конкретна разработка на прашањата преточена во граѓански прифатен предлог – закон. -ПЕТИЦИЈАТА, пак е облик на непосредно одлучување преку кој граѓанит, индивидуално или колективно имаат право писмено да се обратат до претставничкиот орган или други органи и институции и да дадатконкретна иницијатива, предлог или критика на некој правен пропис, политичка одлука или состојба. Се прави разграничување меѓу: -петиција во поширока смисла – која право да ја поднесе има секој граѓанин без оглед на фактот дали ужива политички права во земјата или не, и -петиција во потесна смисла – која пак, е строго детерминирана од располагањето на политичките права во конкретната држава. -НАРОДНОТО ВЕТО – како посебен вид законодавен референдум преку кој избирачите – граѓани го укинуваат или го потврдуваат важењето на постојниот закон. Неговата улога се состои во можноста да се поништи еден закон кој е во спротивност со волјата на граѓаните, под услов против тој закон да гласале мнозинство од запишаните граѓани во избирачкиот список. 4.УСТАВНАТА ПОЛОЖБА НА РЕФЕРЕНДУМОТ И ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА ВО РМ А)РЕФЕРЕНДУМОТ во РМ се дефинира како облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на РМ, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и за други прашања од локално значење. -Референдумот на државно ниво го распишува Собранието на РМ, додека референдумот на локално ниво го распишуваат Советите на единиците на локалната самоуправа. Граѓаните на референдумот се изјаснуваат непосредно со тајно гласање, а право на гласање имаат оние граѓани што се запишани во избирачкиот список како граѓани со избирачко право. -Собранието на РМ, согласно Уставот, мора да распише задолжителен референдумво 3 случаи: а)за усвојување на одлука на Собранието за менување на границата на Републиката; б)за усвојување одлука на Собранието за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави, и в)кога предлог за распишување референдум ќе поднесат најмалку 150000 изирачи. За усвоена на референдум се смета одлуката која е прифатена од страна на мнозинството од вкупниот број избирачи запишани во Единствениот избирачки список, при што вака усвоената одлука има задолжителен карактер. *Собранието на РМ не може да распише референдум за прашањата ки се однесуваат на: -Републичкиот буџет и завршната сметка на Буџетот; -јавните давачки; -резервите на Републиката; -прашањата на изборите, именувањата и разрешувањата; -амнестијата; -одбраната, воената и вонредната состојба и -уредбите со законска сила донесени за време на воена или вонредна состојба; -прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во РМ. *На локално ниво референдум не може да се распише за прашања кои се однесуваат на: -буџетот и завршната сметка на буџетот на општината, Градот Скопје и на општините во Градот Скопје; -организацијата на општинската администрација; -прашања за кои Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината. *Референдум на државно ниво распишува Собранието на РМ по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150000 граѓани. Референдум на локално ниво распишува Советот на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните на општината. Б)ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА – претставува облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето преку покренување на иницијативи пред Собранието на РМ, пред советите на општитните, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје. *Таа може да се покрене за; -поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на РМ; -предлагање за донесување закон; -распишување на референдум на државно ниво, како и за -решавање на одредени прашања во надлежност на Советите на општините или Градот Скопје, и за -распишување на референдум на локално ниво. *На државно ниво, граѓанската иницијатива се покренува на предлог на 100 граѓани, меѓутоа, граѓанската иницијатива за поднесување на предлог за пристапување кон измена на Уставот и за распишување на референдум се смета за покрената ако истата најмалку 150000 граѓани ја поддржале со свои потписи. Граѓанската иницијатива за предлагање за донесување на закон пак,се смета за покрената ако најмалку 10000 граѓани ја поддржале истата. Собранието, е должно за иницијативата да одлучува во рок од 30 дена од денот на приемот на предлогот. *На локално ниво, граѓанската иницијатива се смета за покрената ако ја поддржале истата 100 граѓани. +Собирот на граѓаните како облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење за единиците на локалната самоуправа. 1.ОБЛИЦИ НА ПОСРЕДНО ОСТВАРУВАЊЕ НА СУВЕРЕНИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ (ОБЛИЦИ НА ПОСРЕДНА ДЕМОКРАТИЈА) Претставничкиот систем се смета за најприфатлива форма која ја унапредува вистинската демократија и го намалува суверенитетот на парламентарните собранија во интерес на граѓаните. Изборите во контекст на пренесување на волјата на граѓаните на своите претставници, се најконкретниот чин на остварување на претставничката демократија, односно е идеално најдобрата политичка заедница претставува претставничкиот демократски систем во кој народот својата врховна моќ на владеење наја остварува преку своите претставници кои периодично самостојно ги избира. Во тој поглед, претставувањето се поврзува со институтот мандат, односно мандат на народниот претставник, кој во суштина може да се појави во 2 облика: -претставнички мандат – народните претставници ги застапуваат интересите на целиот народ, а не само на нивните избирачи. Овој мандат е најприменетиот мандат во животот на демократските држави, при што народните претставници уживаат апсолутна независност во поглед на нивниот електорат. По својата природа овој мандат е неотповиклив за неговото времетраење што значи дека граѓаните немаат право, во случај на сопствено незадоволство кон работата на своите претставници, да покренат постапка за одземање на мандатот или за негово укинување. -императивен мандат – ги обврзува народните претставници да работат во согласност со волјата на своите избирачи и постојано да бидат одговорни пред нив. Или уште т.н врзан мандат, ја заснова својата идеја на институцијата мандат од римското право како договор во кој едната страна страна (мандант) ја овластува другата страна (мандатор) да постапува во нејзино име со што се претпоставува и правото на избирачот да дава задолжителни напатствија на своите претставници кои имаат обврска истите да ги почитуваат. По својата природа е отповиклив. 1.ПОИМ НА ИЗБОРИТЕ -Изборите всушност ја детерминираат граѓанската моќ во спроведувањето и извршувањето на суверенетитот во практиката, и тие може да се каже дека претставуваат мост меѓу оние кои владеат и оние што се владеани. При нивното појмовно определување битно е да се обрне внимание на 3 најбитни моменти и тоа: -изборите како начин или модус преку кој граѓаните ја изразуваат својата неприкосновена волја да бидат владеани; -изборите како механизам или вкупност на правните и политички процеси преку чиешто остварување се согледува “технологијата на владеењето“; -изборите како демократски чин или акт на селекција и организација на носителите на власта во кој доаѓаат до израз сите политички алтернативи во поредокот. Почетоците на модерната идеја за изборите се јавуваат дури во почетокот на 19 век, кога всушност и започнува подемот на граѓанскиот парламентаризам, т.е појавата на првите политички партии во современа смисла на зборот. ФУНКЦИИ НА ИЗБОРИТЕ Како најзначајни функции на изборите може да се вбројат следните: -функцијата на легитимност – легитимизација на носителите на политичката власт – Всушост, ова е првата и најзначајна функција на изборите, поточно со изборите се обезбедува легитимноста на целиот систем во целина, бидејќи преку нив луѓето се насочуваат да мислат и да дејствуваат на одреден начин. Да се одржат изборите регуларно, значи тие да добијат легитимна поддршка од народот, што пак укажува и повлекува на сигурниот знак дека мнозинството од граѓаните мисли и дејствува на сличен начин како и оние што се избрани од нив. Притоа, секој легитимно избран систем е демократски. Заклучно, ова значи дека преку изборниот процес, граѓаните им даваат поддршка и доверба на одредени политички претставници или партии да ја вршат власта во нивно име. -селектирање, избор и поставување на избраните кандидати на служба во државните органи – односно, оваа функција на изборите опфаќа: избор на лица, и избор на владејачка политика, како конкретно спроведлиа политика. Всушност, крајната цел на изборите е да се изврши кадровско екипирање на државните органи, т.е поставување на лица за ефикасно спроведување на победничката политичка платформа. -функција на директно и непосредно учество на народот во системот на власта - односно, оваа функција на изборите им дава на граѓаните можност за нивно директно учество во процесот на донесувањето на одлуки. Но, исто така, за пост-изборната вредност за да има успешна реализација, неопходно е да се надоврзе со оние активности кои се случуваат во предизборната фаза. -функција на претставување –како изборна функција преку која доаѓа до израз личниот момент на изборите, а оваа функција се врзува и за временскиот период во кој една личност ги застапува интересите на другите или прашањето на мандатот доделен на секој претставник по одржаните избори. ТЕОРЕТСКИ ОСНОВИ НА ИЗБОРИТЕ И ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО Во основа постојат 3 основни концепции за изборите: 1.ЕТАТИСТИЧКА КОНЦЕПЦИЈА – основната смисла и суштина на изборите е да се создаде политичка власт и да се организира државната структура. 2.ФУНКЦИОНАЛИСТИЧКА КОНЦЕПЦИЈА – смислата на изборите се наоѓа во потребата од воспоставување рамнотежа меѓу општеството и државата, но и внатре во самото општество, при што се инсистира да се оствари поголема кохезија, стабилност и континуитет на постојниот систем, па според тоа изборите претставуваат еден вид на корективна машина и стабилизатор на поредокот. 3.РАДИКАЛНО – ДЕМОКРАТСКА КОНЦЕПЦИЈА – поаѓа од идејата за приоритет на општеството над државата и политиката, односно нејзината суштина се заснова врз идејата за сувереноста на демократски конституираниот народ. ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО – се одредува и дефинира како основно политичко право на граѓанинот со помош на кое тој го манифестира сопствениот влог во изградбата на народниот суверенитет во државата. Тоа дури кон средината на 20 век, во развиените држави станува општо и еднакво за сите граѓани, додека чинот на гласањето т.е самите избори прераснуваат во таен и непосреден процес. Избирачкото право може да се каже дека е и во одредена смисла објективно и субјективно право. -објективно е – затоа што произлегува и е во директна зависност од развојот на општествените односи во системот како и од степенот на организираноста на поредокот во државата -субјективно е – поради тоа што се воспоставува и реализира во согласност со рамките во кои се остварува објективното право, односно за да дојде до реализирање на субјективното избирачко право, граѓаните мораат да бидат државјани на конкретната држава. Државјанството пак, претставува апсолутна претпоставка за остварување на субјективното избирачко право. Во субјективна смисла, избирачкото право на граѓанинот да учествува во изборите, може да се разгледа како: -активно и пасивно (да бира или да биде биран) -еднакво и нееднакво – кога сите граѓани имаат право на еден глас и кога некои граѓани или категории на граѓани располагаат со право на поголем број гласови од останатите, -посредно и непосредно – каде што избирачите не гласаат директно и непосредно за своите претставници, туку избираат свои повереници кои ги избираат претставниците; и кога граѓаните избираат директно односно непосредно -јавно и тајно. Може јасно да се констатираат 5 принципи кои се основата на т.н изборно наследство на Европа, односно избирачкото право мора да биде: -универзално (општо) -еднакво -слободно -тајно -непосредно, -изборите мора да се одржуваат во редовни периоди. Правните системи познаваат и посебна група на избирачи, односно за т.н посебна категорија на избирачи се сметаат: мигрантите, дипломатските и конзуларните претставници, лица кои живеат и работат во странство (иселеници), а се државјани на земјата каде што гласаат, хендикепираните лица, болните и затворениците, војниците и сл., при што за нив треба да бидат предвидени посебни одредби во изборното законодавство за мобилно гласање, но истите мора да бидат внимателно спроведувани со цел да се избегне било каква злоупотреба. ИЗБОРЕН СИСТЕМ – ПОИМ И ДЕФИНИЦИЈА Изборниот систем всушност е најзначајниот сегмент на уставниот и политичкиот систем на една држава. Него може да го дефинираме на 2 начина: -изборен систем во потесна смисла – како систем со чија помош се обезбедува трансфер или пренос на резултатите од гласањето на изборите во пратенички мандати во корист на една или повеќе политички партии, односно независни кандидати кои ги освоиле овие гласови. Акцентот се става на самата формула, модел т.е техника на пребројување на гласовите и нивно операционализирање во конкретни мандати во претставничкиот орган; -изборен систем во поширока смисла – како систем кој ги опфаќа правилата и постапките кои се однесуваат на целината на изборниот процес, односно целокупната организација на системот. Ги опфаќа и прашањата за изборите и изборните закони како збир на правила кои се насочени кон регулирање на изборниот процес и изборната администрација. ИЗБОРНАТА ФОРМУЛА или модел се дефинира како правило или принцип со чија помош се врши дистрибуција на гласовите на граѓаните во конкретните институции во системот на власта. Застапена е поделбата на изборните модели според претходно освоениот критериум за распределба на пратеничките мандати и тоа на: -мнозински изборни модели; -пропорционални изборни модели, и -мешовити изборни модели. МНОЗИНСКИОТ ИЗБОРЕН МОДЕЛ – со РЕЛАТИВНО мнозинство претставува наједноставна варијанта на изборен модел, при што она што избирачот треба да го направи кога ќе го добие гласачкото ливче е да го заокружи или на друг начин да го означи својот избор за кандидат и истото да го стави во гласачката кутија. Откако ќе заврши гласањето, овој модел за победник го прогласува оној кандидат кој има освоено најголем број на гласови споредено со останатите кандидати. *Мнозинскиот изборен модел со АПСОЛУТНО мнозинство пак, за победник на изборите го смета оној кандидат кој има освоено половина +1 глас од вкупниот број избирачи кои се запишани во избирачкиот список на изборната единица или половина +1 од гласовите на избирачите кои гласале. Меѓутоа, бидејќи ваква победа во прв изборен круг е речиси невозможно да се оствари, се организира втор круг на гласање кој исто така се организира на еден од 2та можни начини: -првиот начин – во вториот изборен круг предвидува да влезат сите кандидати кои освоиле определен процент од вкупниот број гласови, при што за победник ќе се прогласи оној кандидат што освоил најголем број гласови (релативно мнозинство) -вториот начин – во вториот изборен круг предвидува да учествуваат само двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови, додека останатите кандидати се исклучуваат. Запобедник ќе се прогласи оној кандидат кој освоил апсолутно мнозинство гласови. Карактеристично е всушност тоа што за двете варијанти се организираат два изборни круга доколку потребното мнозинство не е постигнато во првиот изборен круг. ПРОПОРЦИОНАЛЕН ИЗБОРЕН МОДЕЛ – се модели со кои на непосреден начин се избираат политичките партии, односно нивните кандидати кои во целост коренсподираат со волјата на народот. Граѓаните добиваат можност да гласаат за политичките партии и листите на кандидати кои по своите програмски определби се најблиску до нивните определби и размислувања за изградбата и организацијата на системот во целина. Меѓутоа, се смета дека овој модел многу повеќе ја потенцира улогата и значењето а политичките партии отколку на мнозинскиот изборен модел, бидејќи граѓаните како што кажав гласаат за партиски листи и програмски определби на политичките партии многу повеќе отколку за поединечните кандидати како личности. Избраните претставници пак, според овој изборен модел, ги претставуваат политичките партии на граѓаните кои се нивен непосреден избор, односно не ја објаснуваат волјата на народот, туку платформата на политичката партија која е во власта. *Во тој поглед, пропорцијата на гласовите кои ги освоила секоја политичка партија го определува и бројот на мандатите коишто таа партија треба да ги освои. Но, бидејќи е ретка веројатноста дека една политичка партија ќе освои доволно мнозинство гласови за да може самостојно да формира влада, пропорционалниот модел најчесто е поттикот за формирање на коалициси влади. *Пропорционалниот изборен модел се среќава во неколку форми кои се разликуваат по формулите или квотите кои се применуваат при собирањето на гласовите и распределбата на мандатите: -метод на изборен количник – (најголем остаток) – вкупниот број на освоени гласови во изборната единица се дели со бројот на претставниците кои се избираат од таа единица за претставничкото тело. Така се добива изборниот количник со кој се делат гласовите дадени за секоја партиска листа, при што колку пати изборниот количник ќе се содржи во бројот на гласовите на одделната листа, толку таа ќе освои и претставнички места т.е мандати; -метод на највисок просек (Донтов метод) – функционира со примена на методот на заеднички делител. Односно, процесот на пресметување на гласовите е многу едноставен, при што најнапред сите гласови се класифицираат според тоа која партија колку гласови освоила. Ваквите вкупни збирови потоа се делат со 1,2,3 итн., во зависност од бројот на мандатите кои треба да бидат доделени. Потоа, од вкупно добиените резултати се издвојуваат оние кои се најголеми и тоа онолку по број колку што пратеници се избираат во изборната единица. Тие се редат по големина, при што во зависност од тоа колку пати заедничкиот делител се содржи во вкупниот број гласови на секоја листа, се определува и бројот на мандатите кои ги добива секоја партиска листа. МЕШОВИТ ИЗБОРЕН МОДЕЛ –(т.н ХИБРИДЕН) суштината на овој модел, однонсо неговата цел се пронаоѓа во желбата за обединување на позитивните карактеристики и својства на мнозинските и пропорционалните изборни модели во интерес на организирање на поквалитетен изборен и постизборен процес. Според овој модел, карактеристичен за Германија, секој германски избирач има право на 2 гласа кога ги избира претставниците на германскиот Парламент. -Првиот глас е т.н личен глас – со кој избирачот избира кандидат поединец во една од 328те едномандатни изорни единици. -Вториот глас е т.н глас за политичка партија – со кој избирачот избира партиска листа на ниво на цела национална територија. Во РМ избори за пратениди во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Според карактерот на мандатот на пратеникот Уставот воспоставува претставнички (слободен) мандат т.е мандатот на пратеникот е репрезентативен, а избраните претставници уживаат апсолутна независност во поглед на своите избирачи. ПЕТТИ ДЕЛ – ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДРЖАВНАТА ВЛАСТ ВО РМ Под организација на власта се подразбираат односите кои постојат помеѓу носителите на државната власт и односите кои се воспоставуваат во текот на нивното секојдневно функционирање. Тие односи можат да бидат засновани на начелото на поделба на власта или врз начелото на единство на власта. Притоа, дали еден систем е заснован на начелото на поделба или на начелото на единство на власта , тоа може да се утврди со испитување на постоењето на нивните 2 суштински компоненти: -организациона (не)зависност помеѓу државните органи – постои кога државните органи не произлегуваат еден од друг т.е не се бирани еден од друг; -функционална (не)зависност помеѓу државните органи – постои кога секој од овие органи во вршењето на своите надлежности е самостоен и кога ниеден друг орган нема право да се меша во нивното вршење, кога нема право да ги укинува актитие кои тој орган ги донел, како и нема право да му дава задолжителни упатства за работа. (Ова е за независност) Врз начелото на строга поделба на власта е заснован претстедателскиот систем. Врз основа на флексибилна поделба на власта се засновани парламентарниот и мешовитиот систем. Врз начелото на единство на власта е заснован собранискиот систем. 1ПАРЛАМЕНТАРЕН СИСТЕМ – облик на организација на власта во која односите помеѓу органите на државната власт се засновани врз начелото на флексибилна поделба на власта, која се изразува преку рамноправноста на државните власти, преку соработка на органите на законодавната и извршната власт и преку постоење на средсва за нивно меѓусебно влијание. *Парламентаризмот од настанокот па се до денес се јавува во различни облици: -систем на ограничена монархија – претставува институционален одраз на почетната поделба на власта помеѓу аристократијата и граѓанската класа, при што освојува помал дел од политичката власт; -орлеански или изразито дуалистички парламентаризам – кој настанува со афирмацијата на граѓанската класа како самостојна политичка сила. Негова карактеристика е двојната одговорност на Владата, односно пред монархот и пред Парламентот; -монистички парламентаризам – се карактеризира со слабеење на извршната власт, како резултат на целосно преземање на политичката власт од страна на граѓанската класа “кралот веќе владее, а не управува“; -систем на егзекутивна предност – или систем на парламентаризам со нарушена рамнотежа во корист на Владата, односно парламентаризмот кој функционира денес и за кој е карактеристично помрднување на тежиштето на власта од парламентот кон владата. *Карактеристики на парламентарниот систем: -законодавната власт е во рацете на Парламентот кој се избира на непосредни избори; -извршната власт е дуална (бицефална) т.е во рацете на два органи: шефот на државата и владата. а)Шефот на државата е титуларен, церемонијален “стабилен“ елемент на извршната власт, кој во парламентарните системи речиси е целосно “обезвластен“ и има само некои формални, церемонијални овластувања чиешто вршење е сведено на ритуал.Една од тие функции е да го именува Премиерот, потоа да го свикува и распушта парламентот, политички е неодговорен. б)Целокупната ефективна извршна власта се наоѓа во рацете на кабинетот т.е владата. Нејзините членови ги именува премиерот, кој како што реков е именуван од шефот на државата. Сите нејзини членови се министри. Притоа, кабинетот мора да ја ужива довербата од парламентот пред кој политички одговара. Така, најдрастично средство за контрола на работата на владата од страна на Парламентот е гласањето за доверба на владата, по што владата одговара солидарно, а тоа значи дека сите министри се еднакво и заедно одговорни за сите владини одлуки и парламентот не може да бара сменување на еден министер поради тоа, важи правилот еден надвор, сите надвор. Постои и можност, владата да бара распуштање на парламентот кога тој ќе и изгласа недоверба , а оваа можност упатува на елементот кој укажува на воспоставување на рамнотежа меѓу законодавната и извршната власт во парламентарните системи. ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ СИСТЕМ – е облик на организација на власта заснован врз начелото на строга поделба на државната власт и врз начелото на коници и рамнотежа помеѓу законодавната, извршната и судската власт. Називот на овој систем потекнува од обликот на организација на извршната власт, која ја врши инокосен орган – претседателот. Тоа значи дека функцијата шеф на државата и шеф на владата се кобинирани во една личност т.е претседателот. *Главни обележја на овој систем на организација на државната власт се: -систем заснован на најдоследната примена на поделба на власта – всушност ова е систем кој обезбедува максимална независност на властите. Органите на власта не произлегуваат еден од друг, што значи народот ги избира Конгресот и претседателот, а претстедателот не е политички одговорен пред Конгресот и не може да го распушти; -моноцефална извршна власт – односно сите функции на извршната власт се обединети во еде орган – претседателот кој е и шеф на дршавата и шеф на владата.Тој се бира практично од стран ана народот по пат на сложен начин на избор. Политички е неодговорен, а својот легитимитет го црпи од народот, од неговиот извор. Неговиот мандат е 4 години, со право на реизбор. -во вршењето на својата работа, на претседателот му помага кабинетот кој претставува неформално тело чии членови ги бира претседателот и тие се одговорни пред него. -односите меѓу законодавната и извршната власт се поставени врз принципот на кочници и рамнотежа. 1.Кочници на извршната власт спрема законодавната власт: -правото на суспензивно вето – кое е во рацете на претседателот; -пораките на претседателот за состојбата на Унијата – како можност за влијание на претседателот врз конгресот; -свикување на специјални сесии на конгресот - 2.Кочници на законодавната власт спрема извршната власт: -импичмент – однодно единствена одговорност на претседателот која е можна во претстедателскиот систем и кривичната одговорност; -мислење и согласност со Сенатот при наименувањата; -ратификација на меѓународните договори. 3.Кочници од страна и спрема судската власт: -контрола на уставноста на законите – Врховниот суд учествува во вршење на законодавната власт на посреден и многу специфичен начин, а тоа е оваа контрола, чиј ефект е неприменување на законите и почитување на одлуките на Врховниот суд со дејство како за апсолутно вето. -претстедателот пак, со согласност на Сенатот ги именува судиите на Врховниот суд за доживотен мандат итн. МЕШОВИТ СИСТЕМ – за прв пат се воведува со Уставот на Финска од 1919г. Овие системи во себе интегрираат обележја на претседателскиот и парламентарниот систем. *Најзначајна карактеристика на мешовитите системи е поставеноста на шефот на државата како основна институција на системот. Тој има право: -да го наименува премиерот, при што треба да води сметка за парламентарното мнозинство, поради што Владата е политички одговорна пред Парламентот; -ги именува и разрешува од должност членовите на Владата, овластување кое го врши по предлог на премиерот; -изнесува на референдум одредени нацрт – закони; -има право да го распушти Националното Собрание и да упатува пораки до Парламентот; -врховен командант е на вооружените сили, претстедава со највисоките совети и комитети на народна одбрана, но не е самостоен при вршењето на овие овластувања; *Следна карактеристика на мешовитите системи на организација на власта е и што Владата е друг орган на извршната власт, како орган кој што ја води и одредува политиката на земјата. Таа настанува на начин што претседателот на републиката го именува премиерот, а на негов предлог и другите членови на Владата. Владата држи два вида на состаноци и тоа: -седници на Министерскиот совет и -седници на Советот на Кабинетот. СОБРАНИСКИ СИСТЕМ – како систем на власт во кој единството на власта е во рацете на едно демократско претставничко тело. Поточно, предноста е на сраната на Парламентот, односно систем во кој постои супрематија на Парламентот пред Владата.Таа предност Собранието ја добива од нејзината поставеност како највисок орган на власт кој има одлучувачка улога во вршењето на власта и во водењето на политиката. Организационата подреденост на извршните органи пред Собранието подразбира дека Собранието ги бира, односно именува извршните органи и тие во текот на вршењето на своите функции нему му се одговорни, па тоа може да ги отповика или распушти. Функционалната подреденост на извршните органи пред Собранието пак, значи дека Собранието ги одредува рамките на нивната дејност и има право на надзор над нивната целокупна работа. Собранието пак, е организационо и функционално независно, односно ниеден орган нема уставо право на дејствување спрема него. СОБРАНИЕ НА РМ Поим, потекло, состав, мандат, конституирање и престанок на Парламентот I - Поим Зборот Парламент потекнува од латинскиот збор parlare – да се зборува, па и оттука Парламентот претставува место каде што се одвива дискусија, расправа, се зборува. Освен што е носител на законодавната власт, е и претставничко тело т.е колегијален орган во кој се изразува волјата на сите (или на дел) од граѓаните на една земја. Всушност Парламентот произлегува од граѓаните и е основа на претставничката демократија. II – Потекло Како институција, Парламентот настанува во феудализмот, како резултат на барањето на феудалците да го ограничат правото на монархот, своеволно да им наметнува даноци. III – Состав Како претставничко тело на граѓаните,Собрнието се избира на општи и слободни избори со тајно гласање. Во РМ според Уставот, граѓаните избираат од 120 до 140 пратеници во Собранието, при што точниот број на пратениците се утврдува со Закон. Право да биде избран за пратеник има секој државјанин на РМ кој наполнил 18 години живот, има деловна способност и не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено КД. Изборите за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. IV – Мандат Пратениците во Собранието на РМ имаат слободен репрезентативен мандат што значи: -пратениците ги претставуваат граѓаните во целост, а не само нивната изборна единица; -уживаат независност во поглед на нивниот електорат и одлучуваат по сопствено уверување; -парламентарниот мандат е неотповиклив. Пратениците во Собранието се избираат за мандатен период од 4 години, и тој почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. V – Конституирање По одржувањето на парламентарните избори, конститутивната седница е почетниот момент од кога започнува работата на новоизбраното Собрание. Неа ја свикува Претседателот на Собранието од претходниот состав при што тој е должен таа седница да ја свика најдоцна 20 дена по одржаните избори. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието а 21 ден од денот на завршувањето на изборите. Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници. Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието. Притоа, мандатот на пратениците, Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог на Верификационата комисија. Така, Верификационата комисија ја избира Собранието, а се состои од Претседател и 4 членови, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. VI – Престанок на мандатот на пратениците Како што кажав, пратениците имаат слободен репрезентативен мандат кој е неотповиклив. Меѓутоа, на пратеникот може да му престане мандатот пред истекот на 4годишниот мандат на парламентарниот состав на Собранието доколку: -сам си поднесе оставка, и -доколку е осуден за кривично дело за кое е пропишана кана затвор во траење од најмалку 5 години. (овие се услови по сила на уставот) *На пратеникот може да му биде и одземен мандатот кога е: -осуден за ривично дело или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на фрункцијата пратеник; -како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од 6 месеци. Исто така, мандатот на пратениците може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба. Собранието се распушта пак, ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници т.е се самораспушта, при што ниеден друг орган нема право да го распушти Собранието на РМ 1.Структура на Собранието Според својата структура Парламентите можат да бидат: -еднодомни – се оправдува со сфаќањето дека суверенитетот на народот е неделив, па според тоа и парламентот како израз на тој суверенитет треба да е неделив и единствен т.е еднодомен; -дводомни – односно, неговите застапници сметаат дека дводомноста овозможува воспоставување на меѓусена контрола и рамнотежа на домовите, како и подобрување на квалитетот на законодавната постапка во парламентот; и -повеќедомни. Уставот на РМ од 1991г., се определува за еднодомно Собрание. 2.Внатрешна организација, работни тела и функционери на Собранието I – Работни тела Главната функција на работните тела на Парламентите е да се подготви работата на Парламентот и да му се олесни вршењето на работите од неговиот делокруг. Најчест систем на внатрешна организација на парламентите е оној во кој постојат постојани специјализирани работни тела, чиј мандат е еднаков со мандатот на парламентот. Притоа, членови на работните тела на парламентот се најчесто пратениците, но некогаш може да се јават и други членови во улога на експерти, а кои не се пратеници. → Собранието на РМ основа: -постојани работни тела – кои се основаат со одлука на Собранието и постојат во текот на целиот мадат на Собранието; повремени работни тела – кои се формираат за одредена активност и по нејзиното извршување престануваат да постојат. Работните тела му помагаат на Собранието во работата и придонесуваат за негова поефикасна работа. На седниците на работните тела се претресуваат прашањата и се подготвуваат предлози за донесување на одлуки на (пленарната) седница на Собранието. Собранието може да основа и т.н анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес, при што предлог за основање на анкетна комисија можат да дадат најмалку 20 пратеници, и притоа овие анкетни комисии ги испитуваат прашањата заради кои се формирани. Собранието основа и постојана анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот. *Работните тела имаат претседател, заменик на претседателот и одреден број членови и нивни заменици. Притоа, за проучување на одделни прашања од својот делокруг работните тела можат да основаат работни групи, чии членови пак, се определуваат од редот на членовит на работното тело, пратениците, научни и стручни лица итн., при што за својата работа овие работни групи дејствуваат во рамките на работното тело и нему му доставуваат извештај. II – Функционери на Собранието Од редот на пратениците се избира одредено лице кое ќе биде задолжено засвикување на седниците, водење на истите и вршење на други работи со цел Собранието да може да ги врши своите овластувања, а тоа лице се нарекува претседател на Собранието или спикер. Тој е партиски политичар кој учествува во контроверзните политички дебати. → Во РМ, функционери на Собранието избрани од редот на пратениците се -претседателот на Собранието – мандат од 4 години, него го предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието или најмалку 20 пратеници, со тоа што еден пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат. Предлозите на кандидат за претседател се поднесуваат во писмена форма на седницата на Собранието. -потпретседатели на Собранието – исто мандат 4 години. Притоа, пратеникот има право да гласа само за еден кандидат за претседател на Собранието, во спротивно неговото гласање ќе се сметта за неважечко. За претседател на Собранието пак, ќе се избере оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Тој е должен да го претставува Собранието, да ги свикува и води седниците, да се грижи за примена на Деловникот на Собранието и да дава појаснувања во врска со неговата примена, се грижи за усогласување на активностите на Собранието со претседателот на републиката и владата,соработуува со координаторите на пратеничките групи, донесува акти утврдени со Деловникот итн. Неговата функција е инкомпатибилна со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. *Потпретседателите обично му помагаат на претстедателот на Собранието во неговата работа и вршат други работи од неговиот делокруг. *Собранието на РМ има и генерален секретар именуван од Собранието по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Тој пак му помага на претседателот на Собранието во подготовките и организирањето на седниците и врши други работи утврдени со Деловникот или други работи што ќе му ги довери претседателот на Собранието. Сите овие функционери се одговорни пред Собранието на РМ. III – Положбата на пратениците *Пратениците уживаат имунитет, кој знали, зголемена заштита на одредени основни права во однос на другите граѓани, пред сѐ слободата на мислење и изразување, како и правото на слобода. Во тој поглед тие уживаат: -материјален имунитет – кој ја опфаѓа неодговорноста на пратеникот за искажано мислење и гласање во парламентот; -процедурален имунитет – покрива активности на пратеникот надвор од парламентот и го штити пратеникот само за време траење на пратеничкиот мандат, а не и по неговото завршување. Го штити пратеникот од притвор.Поточно, пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење на КД за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку 5 години *Инкомпатибилност на пратеничката функција – таа спречува кумулација на пратеничкиот мандат со други функции или професии. *Право на пратениците на надомест утврден со закон – целта на ова право е сузбивање на корупцијата од една страна, како и можност пратеничката функција да биде достапна не само до припадниците на високите општествени слоеви, туку и до останатите социјални категории.